ОМАН

Оман или официјално Султанат Оман е арапска држава во Југозападна Азија. Оваа држава се наоѓа во југоисточниот дел од Арапскиот Полуостров и граничи со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) на северозапад,Саудиска Арабија на запад и со Јемен на југозапад.

Оман излегува на два големи водени басени. На југ и на исток се наоѓа Арапското Море додека на североисток се наоѓа Оманскиот Залив. Како дел од територијата на Оман се и ексклавите Мусандам и Мада, одвоени од територијата на Оман со ОАЕ.

Главен град на Оман е Мускат и мнозинското население на државата е со арапско, односно семитско потекло. Официјален јазик еарапскиот, официјална религија е исламот и државата е апсолутна монархија.

 

Историја

Оман со векови бил важен трговски центар. Во 1508 година Португалците го заземаат главното пеистаниште, Мускат, и го држат до доаѓањето на Османлиите во 1659 година. Тие се протерани во 1741 година, кога Ахмед ибн Саид ја основа сегашната владејачка династија. На почетокот од 19-от век Оман станува важна регионална сила со поседи во Балуџистан и Занзибар. Од 1891 до 1971 година Оман е британски протекторат.

 

Географија и клима

Oгромна пустина покрива поголем дел од централен Оман, со планински масиви, вклучувајќи ги и северниот и југоисточниот делови од брегот, каде што поголемите градови на земјата се наоѓаат, меѓу кои и Мускат- главниот град.

Климата на Оман е топла и сува во внатрешноста и влажна по должината на брегот. Во текот на изминатите епохи Оман била покриена со океан. Фосилизирани школки постојат во голем број во делови на пустината, подалеку од денешното крајбрежје.

Полуостровот Мусандам, кој има стратешка местоположба во Ормускиот Проток, го дели Оман на два дела, односно ексклавата Мусандам е поделена со територијата на ОАЕ.

Оман има уште една друга ексклава, во внатрешноста на територијата на ОАЕ, позната како Мада. Се наоѓа на половина пат помеѓу полуостров Мусандам и остатокот од Оман. Оваа ексклава покрива околу 75 км². Границата е решена во 1969 година.

 

Политички систем

Шефот на државата и владата е султанотКабос бин Саид ал Саид, кој поставува кабинет наречен „диванс“ кој помага во работата на султанот. Во почетокот на 1990-тите години, султанот воспоставил изборен советодавен совет, за кој малкумина Оманци имале право да гласаат. Правото на глас е за оние над 21 година и било усвоено на 4 октомври 2003 година. Над 190.000 луѓе (74% од оние кои биле регистрирани) гласале за изборот на 84 места во советот.

Две жени биле избрани за пратеничките места. Земјата денес има три жени министри.